среда, октомври 15, 2008

Wrath of the Lich King

Arthas, предавнику на целиот Lordaeron, таткоубиецу и убиецу на Uther the Lightbringer, силите на Алијансата со градењето на новото пристаниште во Stormwind и на Ордата со новите кули за цепелини пред Огримар доаѓаат по тебе во Northrend. Твојата казна ќе биде долга и болна, исто како времето кое го потрошивме борејќи се меѓу себе и со твојот слуга Илидан. Твоето време дојде Arthas! Ти ќе бидеш поразен во името на Алијансата и Ордата, во името на Светлината и на човечноста. For the Alliance!

среда, септември 17, 2008

Спиење на под

Ех, мојот Еверест... Од кога сум пробувал да спијам на под, послем сите филозофии дека помага во исправување на кичмата и има многу подобри ефекти на целата коскена структура него спиењето во кревет. Ете, од денес ќе почнам со сиење на под, па ќе пишувам во наредните недели како што се слушува. Еве слика од типична јапонска спална, иако ваков кревет тешко дека може да се најде во Македонија (евентуално ако се извадат душеците од кревет со дрвена подлога). Но, подот ќе мора да биде доволен за сега.п.с. Паднав под 87 килограми во тежина и полека но сигурно идам накај магичната 80ка :)
п.п.с. Death Note rules ! :).

среда, септември 10, 2008

Rosetta@home

Прв пат слушнав за овој програм од еден пријател, а концептот е многу едноставен и практичен. Овој програм , изработен од Baker Labaratory има за цел пронаоѓање на нови начини на свиткување на протеините и нивно спојување во поголеми протеини, што со оглед на тоа што погрешното свиткување (folding) на протеините е одговорно за многу болести (од Алцхајмерова до Сида) секако дека ако знаеме повеќе за тој процес ќе значи многу за пронаоѓањето на лекови/вакцини за овие болести.
Програмата е екстремно мала и зазема мал простор на вашиот хард (може и да се намали уште повеќе ако сакате), а плус на тоа кога се вклучува некоја друга програма (игра, video player итн ) веднаш ги ослободува процентите потребни за работа на таа програма од процесорот.Дистрибуирана е преку BOINC (Berkeley Open Infrastracture for Network Computing) која па сама по себе подржува многу проекти од SETI, па до јапонски проекти за откривање на Господ знае кој по ред број во Пи.
Бонусот е screensaverот кој иако со рудиментирана графика може да ви покаже протеини на атомско ниво како се превиткуват во симулација барајќи ја најмалата енергија при која протеинот сеуште ќе биде стабилен.
За да не должам многу, линковите се:
http://boinc.berkeley.edu/
http://boinc.bakerlab.org/rosetta/
http://en.wikipedia.org/wiki/Rosetta@home
Секој силикон вреди многу а секој резултат може да значи чекор напред во пронаоѓање лек.

недела, септември 07, 2008

Max Payne или спомените на една младост

Нормално, не алудирам на тоа дека сега сум престарен, туку на времето кога во 2001 година јас и уште неколку другари ја земавме играта под името Max Payne (тогаш имавме по некои си 18 години, полни со адреналин и со верба дека можеме да го смениме светот) која потполно легна на нашите амбиции да ја исползуваме нашата агресија од извесниот конфликт во светот на игрите (подобро нели отколку да го правиме истото во реален живот). Тоа што мене ме зачуди беше концептот на раскажување на приказната што сега ми изгледа на класичен Френк Милер rip-off. Noir, преполна со трагедија и на моменти надреални сцени (како сцената во која Max трча низ својот ум за да излезе од сеќавањето на неговата фамилија која била убиена, а ве води гласот на бебе кое плаче) приказната го крена нивото на севкупната gaming industry и по неа излегоа еден куп мрачни приказни (Blood Rayne anyone?) кои се вклопија совршено во индустријата која тогаш беше за деца а сега просечен gamer има 27 години и бара нешто повеќе од забава.Кој ја нема играно, нека го земе и вториот дел, има малку подобра графика а не губи ништо на квалитет од првиот. Со оглед на тоа што има и trailer за филмот по играва, еве го и него. Уживајте...И дa, Mark Walhberg е совршен за улогата. Ех ова буди сеќавања и сум многу субјективен... Непроспани ноќи и многу многу дремење пред монитор :). Good times.
p.s. Iron Man rocks!

вторник, септември 02, 2008

6 месеци без цигари

Според Quit Keeper-от, прекрасно програмче кое си пресметува врз основа на тоа колку цигари сте пушеле дневно и колку пари коштала кутија, колку сте заштедиле пари, колку цигари не сте испушиле и колку сте си го зголемиле очекуваниот животен век со тоа (една цигара = 5 минути), се доби следново :
I have been quit for 5 Months, 4 Weeks, 2 Days and 59 minutes (183 days). I have saved €222.38 by not smoking 5,491 cigarettes. I have saved 2 Weeks, 5 Days, 1 hour and 35 minutes of my life. My Quit Date: 03/03/2008 16:10
На 03.09.2008 ќе бидам 6 месеци непушач. Сите лоши страни како станувањето како Џаба Д Хат со 120те кила во април или проблемот со неспиењето во периодот април-мај кога колку и да ми се спиеше се осеќав како да ми фали нешто (читај цигара) па пиев по десет кафиња поминаа, се надевам засекогаш.
Добрите страни се толку многу што не можам да ги набројам на десет страници, а парите (222 евра не се малце парички, може да се изгура едно просечно одморче, илити испаѓа некаде околу 450 евра годишно, што е сосема фино одморче) стануваат само споредна работа. Кога го почнав овој тежок пат, се зафатив со два основни проблеми кои беа кажани и на сајтот whyquit.com - кризите (психичките беа константни) и недостатокот на шеќер, бидејќи кога пушите цигара ви се зголемува нивото на шеќер во крвта, и со тоа, се чувствувате сити и vice-versa.
Кризите поминаа за релативно брзо време (за некои си недела-две веќе не чувствував конкретна желба за цигари, а по два месеци, односно веќе од мај па навака цигарите би станаа толку одвратни што сега не можам ни да седам до пушач а камоли да седам во задимена просторија) , но остана проблемот со ниското ниво на шеќерот во крвта. Едноставно, константно бев гладен. Цело време, ноќе и дење ми се јадеше. Бидејќи ја направив истата грешка како (дури!) 98% од луѓето кои се откажуваат од цигари и си реков дека тоа што јадам многу е подобро од пушењето цигари, од некаде 80 килограми колку што имав во февруари, отидов на над 120 килограми при крајот на април. Секој обид да се почне со Дајмонд исхраната беше неуспешен бидејќи нивото на шеќер во крвта толку ми паѓаше утрото што дури и без вежбање се случуваше да имам вртоглавици, а со вежбање дури и грчеви и силни болки на местата каде што вежбав (обично стомачните или трицепсот). Од мај почнав да се чувствувам доволно приспособен на новата ситуација за да почнам со Дајмонд, иако целосно ја имплементирав исхраната (вклучително со вежбањето отсабајле, почнав со 2 серии по 4 склекови и 2 серии по 20 стомачни, денес правам 2 серии по 15 склекови и 2 серии по 75 стомачни) дури при крајот на јули. Промената дојде и со промена од кафе на чај (иако сеуште пијам кафе , само многу многу ретко) и тоа зелен чај, кој редовно го пијам еднаш дневно, како и со подобрен биоритам кој особено ми помогна во спиењето и (конечно!) се наспав како што треба, иако септември ќе биде месецот кога ќе се наспијам како што треба (ако е вака облачно :).
Се на се, ако некој пушач го чита овој пост, или човек кој не се чувствува добро со нашинот на кој му изгледа телото (потенцирам не се чувствува добро бидејќи убавината е во окото на тој што ја гледа), би употребил слоган на еден од претседателските кандидати во Америка, Yes we can, или, да бидам попрецизен,Yes you can (Да, вие можете). Фрлете ги кутиите со цигари и наеднаш откажете се бидејќи сите фластери, никотински мастики, и лажењето од типот на зошто да се откажам кога и така и така ќе умрам еден ден, или ќе намалам на бројот на цигари па еден ден постепено ќе се откажам нема да делуваат и го знаете тоа самите. Добар совет би било (ако знаете англиски) да отидете на форумот на гореспоменатиот сајт, каде што ќе можете да зборувате и да добиете помош од постручни лица во областа на откажувањето од зависности, како и од други екс-пушачи. Од еден екс пушач до сите сегашни пушачи - од откажувањето само се добива и не губите ништо освен зависноста.

сабота, август 23, 2008

The Wayne Manor - домот на сите Бетмен (и Робин :) фанови

По целиот hype околу најновиот Бетмен филм, редно беше да Бет-фановите добијат дом каде што ќе можат да пишуваат за својот омилен лик. Иако мојот омилен стрип е X-Men ,кога би бирал еден лик кој ми е најдраг и најценет од сите во галеријата на DC, Marvel, Image, Vertigo итн, тоа би бил токму тој - Бетмен. Линкот до сајтот го има лево во листата со препорачаните сајтови, а кумот (узпут и мајка и татко и блиски роднини) на истиот е Љубиша попознат како Nathan Summers (и неговиот линк го има во таа листа :). Така да, Бет-фанови (и фановки?) клик таму и читајте што најново се случува со вашиот омилен лик.

петок, август 22, 2008

Материјализмот во сета своја "убавина"

Кога ја земав книгата American Psycho , не знаев дека по неа има направено филм... И тоа со еден од моите омилени глумци, Christian Bale. За концептот и сржта на можеби најкритикуваната книга која излезе од перото на Bret Easton Ellis и за која дури има добивано смртни закани и беше неколку пати тужен од страна на феминистичките групи, друг пат. Сега за сега, делот каде што главниот лик објаснува кој е. Фасцинантно вознемирувачки .

среда, август 20, 2008

Осаменост или... Колку сме сите ние е.... осамени

Пред некој ден случајно се сретнав со една другарка од факултет и седнавме на кафе во ГТЦ. Таа почна (бидејќи нели јас немам проблеми мои а она е женско) да објаснува како е осамена како размислувала на самоубиство итн итн.
По разговорот и дружењето кое го имав со многу луѓе низ градот сватив дека сите се некако ... осамени. Американскиот сон дојде кај нас и си ја донесе со себе својата болест - осаменоста. Просечен Американец има еден пријател. Се прашувам дали и ние дојдовме на тоа дереџе.
Нормално ,акако добар пријател ја утешив, дека сепак е млада, има уште многу од животот... И тогаш дојдов дома и видов дека се случиле четири самоубиства во Струмица за еден ден.
Можеби сме полоши од Америка. Таму барем можеш да си дозволиш да купиш пријатели.
На крајот кога ја земавме сметката ми го остави бројот... Можеби ќе и се јавам...ако не сум премногу down тој ден.

петок, август 15, 2008

Висока политика и низок морал

Кој кого шитна со нападот на Русија врз Грузија? Дали Русија, која да потсетиме има една од најголемите сиромаштии во светот и огромен дел од населението се проституира или е алкохолизиарно 24/7 , базирајќи се на своите огромни резерви на плин и нафта дојде да бомбардира со според некои информации илјадници авиони една мала кавказиска држава и на тој начин да покаже како се враќа на голема врата на светската сцена или има нешто друго во прашање? Дури и ЕУ и Америка молчат пред големата сила на оваа пропадната и, на моменти тажна сенка на држава.
Одговорот кој сите го знаат и лежи на секоја усна е Косово. Русија го продаде српскиот народ за да покаже сила во регион богат со нафта. Можеби некој би рекол дека на долг план ова е подобро отколку да беше заштитена српската историја и српските манастири , кои иако мене не ми се многу драги и мили од чисто христијански причини требаше да бидат заштитени од Русите.
По ова, одговорот на секоја критика за нападот на Америка врз Ирак би бил: дали Америка го продаде Тајван, Израел, Јужна Кореја , или во крајна инстанца било кој од своите сојузници за да дојде до нафтата која недвојбено ја сакаат Русите во Грузија? Дали таа нападот врз Ирак го направи со полураспадната воена структура, со војска која не е добро платена ниту нахранета и во која се практикува сурова сила (погледнете го бројот на самоубиства во Руската војска)? И конечно, додека ние чекаме да победи Обама и да ни го сврти грбот и да отиде со Грците, да се потсетиме дека Руската Православна Црква не не признава како црква туку е со Грците уште одамна, а откако ги продаде и Србите, мислам дека Русите го загубија целиот кредибилитет (ако и го имаа воопшто некогаш) во очите на православната заедница во светот. Ова се срамни денови за Русија, која го продаде (според мене, можеби грешам) најголемиот сојузник за нафта.

вторник, јули 29, 2008

Dont forget - 60B!!!!

Elizabethtown е прекрасен филм кој послем Бетмен и целата фама околу мрачноста и пропаѓањето на американското (читај светското благодарение на глобализацијата) општество, ми дојде ко кец на десетка. Филмот може слободно да се вика и Џери Мегвајер 2, со таа разлика што типот пробува да се самоубие кога дознава дека неговиот татко е мртов и треба да дојде на неговиот погреб. Отпуштањето од работа доаѓа пред а среќавањето на добрата но осамена девојка послем оваа сценa :). Се на се, прекрасен филм кој потсеќа на Џери Мегвајер и го има оној допир на алтруизам и feel good во целата приказна. Топло го препорачувам ако ви се свиѓаше Џери Мегвајер посебно ако надвор е врнежливо (како што најавуваат таков ќе бил цел август) :).

недела, јуни 29, 2008

The night is darkest just before the dawn

Сеуште сум под импресии од филмот, па можеби ќе бидам малку субјективен (тоа што сум fan на Batman исто така има некаква улога), но ќе се обидам да следам неколку линии на препорака на филмот на секој кој барем малку го сака Batman Begins или Batman франшизата воопшто.
Прво, приказната. Има неколку кратки приказни кои се вртат околу Gotham City и неговата корумпираност, или како што би рекол самиот Batman, на прашањето како изгледа одозгора,"it looks dirty".Се што можело да тргне наопаку, тргнало. Има gang war , чуден lizard like creature се шуња по канализацијата, а тука е и scarecrow.Криминалот е навлезен во сите пори на општеството кое е буквално и социолошки гледано, труло. Тука се појавува надежта. Секоја приказна зборува за градењето на надеж околу митот за Batman, со што се потенцира неговата важност во враќањето на редот и законот во Gotham (hence, trailerot во кој Joker кажува дека ако се убие Batman Gotham ќе се врати во ерата на криминалот,во кој се наоѓа во текот на овој филм). Приказните се сосема квалитетно осмислени, се забележува влијанието на оригиналната Batman серија, иако самиот филм е правен за повозрасни и има неколку елементи кои би биле PG-13 минимум.
Цртањето е anime. Е сега, за тоа колку е тоа добро или лошо... Во однос на квалитетот , нормално дека Warner не би извадиле нешто што не е квалитетно сработено. Но, посебно во случајот на првата приказна, самиот тип на цртање е малку over the top. Некако станав навикнат на Jim Lee и деталното цртање за да се вратам на ваков стил. Но, што е тоа е. Другите приказни имаат подобро цртање, со тоа што епската сцена на Jim Lee во која го представува Batman како стои на една од статуите која гледа на Gotham е исто така имплементирана во филмот. Цртањето, дури и тогаш кога визуелно не соодетствува на Batman, е многу квалитетно, и , како што се очекува од DC кои се најјаки баш во тој дел, во цртаните филмови, ја доловува атмосферата на еден град кој е толку трул што "the dawn must come sometime" што би рекол Gordon.
Звукот е на ниво, одлично се вклопува во атмосферата и не е претенциозен со цел да ја украде сцената со некаква грандиозна музика.
Уметничката страна на филмот е фасцинирачка.
Animeто одсекогаш било добро на дизајнот на градовите, колите и облеката па така и тука се создава една посебна атмосфера која на неколку сцени (прелетувањето низ Gotham кога врне дожд на пример) може да парира на најдобрите филмови што Hollywood некогаш ги извадил.Посебно би го потенцирал начинот на кој се покажуваат емоциите,со треперењето на очите што е карактеристично за аnimeто . Филмот е пријатно изненадување, бидејќи по целиот hype помислив дека ќе се работи за некаков просечен производ. Луѓето од DC и Warner навистина се потрудиле да создадат дело кое лесно може да му парира( и, ако ви се свиѓа стилот во одредени моменти да го надмине) Animatrix. Е сега, дали Dark Knight ќе биде како Matrix Reloaded (ака тресла се гора родио се миш), или ќе успее да го оправда целиот hype ќе видиме. А додека го чекаме, јас ќе го изгледам уште еднаш .Можеби уште еднаш послем тоа :). Се на се, ако сте на Batman - 9/10. Ако сте на Batman и на anime - 10/10.

среда, јуни 04, 2008

Сите бараме само делче од рајот, зарем не?

Оваа серија ја почнав со гледање пред неколку месеци по препорака на еден другар, иако јас лично го одбегнував целиот тип на серии подолго време. Анимето никогаш не ми привлекувало внимание, највеќе поради тоа што неговото рекламирање е поврзано со јапонската а не американската (холивудската) филмска сцена. Освен неколкуте анимеа од типот на Ghost in a Shell/Spirited Away кои успеаа да се пробијат на американската сцена (вториот дури и беше доминантен на оскарите таа година), другите серии/филмови не беа многу успешни иако нивната приказна би можела лесно да ја надмине дури и таа на Lost.
Основата на серијата е митот дека целиот универзум е создаден од волците. Волците во времето во кое се одвива Wolf's Rain се целосно истребени, иако (барем на почетокот) е зачудувачки појавувањето на извесниот ловец на волци. Владетели во општеството во кое е сместено дејствието се Nobles, кои имаат напредна генетска технологија. Се разбира , бидејќи ова е јапонска серија, еден од поглавните ликови е Moon Flower - девојка создадена од цвет. Волците не се истребени (иако сите веруваат дека се) , туку успеале да најдат начин да изгледаат на луѓе и така да го прикријат своето постоење. Главните јунаци на серијата (четири на број) веруваат дека девојката клонирана од месечев цвет ќе им ја отвори вратата до рајот. Имено, исто како што луѓето имаат мит за постанокот на светот, волците веруваат дека постои своевиден рај за нив, кој што сите волци во некој момент во животот пробале да го најдат. Тука се вмешува и (уште еден) мистериозен лик чија љубена е под дејството на извесна болест за која лекот е токму месечевиот цвет.
Испретплетувањето на cyber punk културата, футуристичките слики и концепти на возилата, ме потсетија на Akira. Приказната е прекрасна, цртањето е извонредно добро изведено (посебно деловите каде се забележува делимична употреба на компјутерска анимација), а музиката ве внесува уште повеќе во светот низ кој волците патуваат барајќи го рајот. Топла препорака за сите што не го гледале... Јас отидов да гледам Friends а по испитната сесија ме чека Death Note :).

среда, мај 28, 2008

Good vs Evil

Почнав со интензивно pvp играње деновиве за некои ствари од сезона 2 додека да излезат главните ствари од истата во наредниот месец (барем така се надеваме). Слики од Warsong Gulch :).

недела, мај 25, 2008

Како да преживееш нуклеарна експлозија со тоа што ќе влезеш во фрижидер ака Indiana Jones 4

Ех, зезнаа уште еден лик од моето детство - Индијана Џонс. Археологот кој се павташе со разноразни религиозни мистични работи, од ковчегот со десетте заповеди, преку светите камења во Индија, се до светиот грал конечно дојде до типична sf приказна под името Stargate но сместена во Јужна Америка наместо во Египет.
Инди е вмешан во Розвел, Ново Мексико, каде што наводно сите знаеме што беше пронајдено, а Спилберг не се ни труди да направи некаква мистика околу тоа (што беше случајот кај сите претходни три дела на Инди). Напротив, ние добиваме некаков хибрид од детска приказна во која Инди преживува нуклеарна експлозија во фрижидер (highlight беше кога фрижидерот се отвори и инди само си се стркала од него како да стоел во место цело време), а објектот на приказната е користен за се и сешто за што Лукас не сакал да си ја мачи главата и да смислува одговори - черепот е како the one ring па така од него се тргаат мравки, се плашат домородците и плус тој го кажува патот до местото до кое треба да се дојде, и смешни непријатели кои изгледаат како да излегле од Red Alert 2 (Yuri беше многу поинтересен од типка која има тенџере фризура и постојано носи мач).
Филмот има добри моменти, но иритира тоа што е направена екстремно лесна семејна приказна, која треба да ги наполни џеповите на Лукас и Спилберг, наместо да фановите бидат третирани со почит (баш пред да излеземе да одиме да го гледаме едно другарче го фалеше филмот дека не бил чист sf) добивме едно лесно и да не го гледаш нема нипто да пропуштиш филмче.

недела, мај 11, 2008

Outland

Не можам а да не ја пофалам генијалноста на дизајнерскиот тим на Blizzard... Навистина бев воодушевен од тоа што (досега) го видов во Outland, иако посетив само две зони - Hellfire Peninsula и Zangarmarsh. Сега за сега следат слики од двете + една слика од PvP како што треба да биде... А не да се собираат од цел сервер како на пиратските за една војна :).

вторник, мај 06, 2008

World of Warcraft

Еве, откако завршив некои други обврски (кои беа бајаги исцрпувачки) конечно најдов време за најдобрата зависност во светот - WoW. Стигнавме (со другарчето со кое поради повеќе предности меѓу кои и делење на трошоците и повеќе слободно време за други работи) до 60 lvl и влеговме во Outland. Следуваат слики се разбира :).

вторник, април 29, 2008

He who controls the spice, controls the universe

Листајќи деновиве по разноразните torrent сајтови, го најдов Dune во DVD верзија. Бидејќи ja немам гледано верзијата на филмот од која што Lynch се има откажано (поради големи промени, пред се во почетокот на филмот каде што има додатни неколку минути објаснување на приказната) а и поради брзиот интернет (фала Телекабел :) успеав да го симнам за некои си два часа. Atreides, Harkonnen, Padishah Emperor, Bene Gesserit... Како копиљ (кога последен пат го гледав филмот), а и потоа кога ги прочитав книгите, зачинот го заменував со нафта. Релацијата дури не беше ни скриена во книгата - зачинот се наоѓа на пустинска планета, каде што живеат племиња кои ја ценат водата повеќе од зачинот, и кои се под постојан напад/игнорирани од страна на Spacing Guild и Големите Куќи. Подоцна во книгите, Herbert ќе навлезе во политичка анализа на последиците од долготрајна диктатура од суштествено правичен владетел и создавањето на религија која го обожава истиот како Бог (што само по себе наликува на комунистичките лидери, посебно на Ленин и Тито, се разбира во некоја поблага варијанта). Приказната продолжува во новите делови од сагата, кои се пишувани од синот на Frank Herbert, Brian. Бидејќи ги има во аудио форма ќе ги симнам истите и потоа ќе дадам мое лично мислење за истите, иако генералните reviews се позитивни.
p.s. Стигнав до lvl 56 со mage-от...Уште малку па Outland :).

среда, април 23, 2008

Mojot Frost Mage и јас

Бидејќи претходно играв со џуџе hunter, на почетокот бев малку скептичен во поглед на mage-от како класа. Ми изгледаше некако... Премногу ранлив. Може да користи само cloth, а од моето лично искуство доволни се два три удари за да биде убиен. Затоа бев претпазлив и со резерва пристапив кон овој карактер... И бев навистина позитивно изненаден. Шокиран. Да, класата е ранлива. Да, може да се убие со два-три удари. Но, (барем на frost таленти) многу лесно може да заврши битката (дуелот) а да непријателот не нанесе ниту еден удар. Плус на тоа, класата има бонуси во многу други области, како телепортирање во било кој главен град и создавање на портали за истите, blink (многупати ме има спасено), како и (мое лично мислење) титулата за најдобра класа за grindање.
Плус, си ги симнав сите книги од серијалот New Jedi Order во аудио форма, па додека крипам/завршувам quest-ови си ги слушам новите авантури на Han Solo, Luke (i am your father) Skywalker и другите момци од Star Wars универзумот кои се во војна со раса дојдена од другата страна на The Outer Rim (Yuuzhan Vong) кои се некаква си мешавина помеѓу Zerg и религиозни фанатици (hint - боговите на Yuuzhan Vong бараат да си го сечете/отсекувате делови од телото за да ја покажете својата верба) и прават целосна инвазија на галаксијата (која е владеана од The New Republic).
Со оглед на тоа дека имав прилично напорна недела , а и нареднава недела нема да биде ништо подобра, времето поминато во дружба со WoW (богами и Star Wars) е едно од ретките задоволства кои можам со оглед на другите обврски да си ги приуштам.
Доволно напишав сега да одам да утепам уште некое крипче/Horde :).

недела, април 20, 2008

The Dark Tower

Замислете книга од епска пропорција како LOTRO, со број на страници кој надминува 2500 ( според мене е некаде блиску до 3000), и сето тоа од умот на the one and only Stephen King. Да, се работи за Мрачната Кула, која има седум дела, (завршува приказната во седмиот дел) сага за Roland Deschain, последниот револвераш во светот кој продолжил понатаму. Првиот дел од епската приказна (наречен "The Gunslinger") почнува со последниот револвераш, Roland Deschain , кој го брка човекот во црно ( волшебник кој спиел со неговата мајка и го убил неговиот татко, или барем Roland така верува) низ еден постапокалиптичен свет кој што постои во реалност толку блиску а сепак толку далеку од нашата. Сите реалности , сите временски линии се спојуваат и тргнуваат од Мрачната Кула, која Roland ја бара за да го врати времето наназад во според него светлото кралство на неговиот татко. Врската помеѓу нашата реалност и реалноста на Roland се поврзува преку врати (во буквална смисла на зборот) во свеста на тројца луѓе - џанакот Eddie Dean, Odetta Holmes , богата црнкиња која живее во 60-те и се бори за правата на црнците во расистичка Америка (во инвалидска количка и плус на тоа има две личности како последица на нејзината несреќа), и Jack Mort, кој е одговорен за несреќата на Odetta ( и смртта на Jake во нашата реалност, момчето кое Roland ќе го жртвува за да го фати човекот во црно) . Американскиот среден запад, по некаква светска (нуклеарна?) војна во свет во кој мутанти и чудовишта не се чудна работа, исто како и роботи и технологија оставена од претците (луѓето во светот на Roland се на некое ниво на развој на Дивиот Запад), замешано со прекрасниот ум на мајсторот на хоророт и "уште само една страница" моментот создаваат дело кое навистина не ви допушта да престанете со читање (и да учите за испит на пример).
p.s. Повторно почнав да играм WoW на AhnQiraj. Flameathon - 45 lvl frost mage. Ако некој плеска бујрум :).

петок, април 18, 2008

Зависност од Ikariam


Во стилот на новата епизода на South Park ви ја преставувам мојата нова интернет зависност - причината зошто секое сабајле додека варам кафе проверувам дали има или нема интернет - Ikariam.
Играва е направена од истите типци кои ја направија Ogame , со тоа што Ikariam има подобрена графика (сепак е browser based па не очекувајте Direct X 10.1), како и редица решени проблеми. Трговските бродови се на располагање без оглед на тоа во кое пристаниште се изградени на пример. Потоа, има слободен пазар каде што може да се купат ресурси за злато на аукција (нешто слично на WoW само што тука се нудат ресурси), и играта има некакво чувство на Sid Meier's Civilization. Играта добива редовни подобрувања, внесување на нови згради, нови единици итн. Мојот nick е Rolandmk на Alpha World па ако некој случајно се вклучува на играта pm me. Бидејќи имам лошо искуство со босанските/хрватските верзии на Ogame се ставив на англиската (светската верзија) на Ikariam.
Се гледаме (читаме) во игра! :)

среда, април 16, 2008

Внатрешниот и надворешниот непријател

Сите имаме слушнато за луѓето што земаа бугарски пасоши. И сите знаеме зошто тие луѓе земаа бугарски пасоши - за пари . Ок, flashforward. Има предлог од нашиот јужен сосед да го смениме името за да влеземе во NATO. Со оглед на тоа што NATO е присутен/ негови членки се сите соседи освен Србија (од која не верувам дека ни доаѓа инвазија) безбедноста не е проблем (барем на поголем план). Значи - влезот во NATO беше (е) важен за нашата економија. Во превод - предлогот беше да си го смениме името за да добиеме пари. Исто како што тие што се пишуваат како Бугари го прават за пари. Како Македонците кои прифаќале Ислам во турско. Како курвите пред саем.
За срамота е што само ВМРО-ДПМНЕ имаше јасен став дека името никогаш нема да се смени (ако има некоја друга партија тогаш нека ми извини што не сум ја спомнал). Фактот што со менувањето на името имаше и дека никој не смее да се пишува како Македонец, или дека зборува Македонски јазик како да го подзаборавија многу од нашите "интелектуалци". Уште попросто, ако не потекнуваме од Александар, тогаш сме тоа што го тврдеше Глигоров на времето - Словени дојдени во 6-от век кај кои е доминантна словенската култура а врските со античките Македонци се само делумни. Истиот став го има и Бугарија за нас. Денес. Сега.
Менување на името за пари е курвинска работа. А јас лично не се чувствувам како курва.

недела, април 13, 2008

Купи!Купи!Купи!

Ете, дојде време да си купам монитор. Тргнав да пазарам по локалниве купи 2 плати 3 продавници и некако завршив во една продавница каде што имаше сосема солиден lcd монитор за некои си 200 евра. 17 инча, 2 ms response time , добар контраст, добра марка , во споредба со 15 инчниот CTX кој го имам дома - сон . И тогаш дојде тој - продавачот. Наеднаш испадна дека за само 50 евра ќе сум добиел 19 инчен монитор со не знам ти каква големина на пикселот. Јас, ненаспан од преводи и колоквиуми и со изглед не многу различен од овој на Norton(без крвта :) само ќутев додека продавачот си влезе во монолог при што на крајот испадна дека е најдобро да се земе 20 и кусур инчен монитор кој би ме чинел 420 евра но за тоа би го добил најдоброто. Јас па мислев дека најдоброто е да имаш некој со кој ќе правиш муабет на yahoo, девојка која ќе те сака или некој со кого ќе исплескаш игрица у мрежа, да не зборам за дилање на стрипови. Но не - концизен беше продавачот - не само што ова е најдоброто туку и сите ќе ми биле зависни кога ќе виделе каков монитор имам. На брзина излегов од продавницата бидејќи ме мавна еден лош филм - и додека идев накај дома ми текна на една сцена од Fight Club...Advertising has us chasing cars and clothes, working jobs we hate so we can buy shit we don't need. We're the middle children of history, man. No purpose or place. We have no Great War. No Great Depression. Our Great War's a spiritual war... our Great Depression is our lives. We've all been raised on television to believe that one day we'd all be millionaires, and movie gods, and rock stars. But we won't. And we're slowly learning that fact. And we're very, very pissed off.

среда, април 09, 2008

Дали човек може да изеде англиканска катедрала?

Деновиве сум прилично зафатен, па решив да ги симнам новиве епизоди Family Guy и South Park за да се порелаксирам во малкуто слободно време, но се што тие направија е да ме потсетат колку британскиот хумор е над американскиот. Ете, после ропството, империјализмот, расната дискриминација и фрлањето на напалм врз Македонците во егејска Македонија, британците (читај англичаните и нивните горди но сепак зависни соседи шкотите, другите се или луди ирци или типчиња кои живеат во велес само без второто е, и плус на тоа немаат топилница) направија нешто што би ми недостигало кога на пример некој би им активирал нуклеарна бомба. Ова е хумор кој , за разлика од филмовите на Вуди Ален , е навистина квалитетен иако го разбираат многу малку луѓе. Една од неговите главни карактеристики е сарказмот и бесмисленоста (види наслов). За жал, многу луѓе мислат дека Monty Python Е британскиот хумор. Заборавивте на The Office, Only Fools and Horses, Allo Allo, Extras, Blackadder , Mr. Bean...? Иако морам да признаам дека Family Guy, Futurama, Seinfeld...се навистина интересни, ниеднa од тие серии (а основата е американскиот хумор кој е некако...едноставен, прост, straight to the point. како се што е американско всушност) не може да ме насмее како типот што сакаше да го прескокне La Manche , да изеде англиканска катедрала и да ископа тунел до Јава , Ron Obvious. Сцената кога типот си ги мие забите и буквално пробува да ја гризне катедралата...priceless. (мислевте дека ќе има некаква споредба со тоа дали може Македонија да влезе во NATO, нели? :)

сабота, април 05, 2008

Thomas More, X-Men и Star Trek

Таму некаде одамна у Англија постоело време кога империјата баш и не била на стабилни нозе. Кралот бил со многу слаб морал, што потоа ќе доведе до тоа да на власт дојде парламентот, а криминалот бил толку голем што биле донесени драконски казни (смртната казна била една од најчестите). Е, тука еден човек по името Thomas More во своето истоимено дело си замислил остров наречен Утопија. На тој остров, според него, сите луѓе би работеле 6 часа дневно, би ги менувале своите имоти на секои десет години, и не би постоело ропство или било каква нееднаквост. Луѓето не би ги ценеле материјалните вредности, туку би се интересирале за културата и уметноста, и за тоа да помагаат на другите луѓе кои би биле нивни браќа и сестри не по крв туку по меѓусебниот однос. Овие луѓе би биле до толку незаинтересирани за материјалните вредности да своите затвореници би ги оковувале со злато и сребро, бидејќи тие материјали нема да имаат никаква вредност за нив.Сите луѓе би биле третирани исто, сите религии би биле почитувани на ист начин со иста почит (додуше ако некој бил атеист неможел да дојде на никаква власт во островот)... И сето ова се случува во книга напишана во 1514 година!
Ех, поминуваат векови и доаѓа еден друг тип наречен Chris Claremont и типов наследува еден waspовски стрип под името Uncanny X-Men. Chris го менува стрипот од самиот темел (претходно стрипот е пишуван и креиран од Stan Lee), воведувајќи луѓе (од двата пола се разбира) од различни раси и од различни нации на планетата. Отелотворението на идејата за еднаквост која More на еден срамежлив начин ја преставил во Утопија е Charles Xavier. Charles е човек кој симболично може да ги чита мислите на другите луѓе. A, тоа што сите луѓе го сакаат е еднаквост, братство и пред се слобода. Годината овој пат е 1975, а наспроти него се појавува Magneto, кој ја преставува животинската страна на човештвото, таа која во Утопијата на More не би постоела (иронично, тој е владетел на Genosha, остров на кој мутантите живеат во релативна еднаквост). Страната водена од одмазда, гнев и емоции, заборавајќи на рационалноста и компромисот на кои Xavier инсистира од самиот почеток. Додатно на тоа, сите мутанти се напаѓани од луѓето само заради тоа што се различни, преставувајќи ги сите хомосексуалци, црнци, секој кој е на било каков начин угнетуван во својата држава само затоа што не одговара на профилот на "нормален".
И конечно, тука е Star Trek. Не би зборувал многу за таа серија, освен дека има одиграно толку голема улога во промената на мислењето на младата генерација во шеесетите (жена, па уште и црнкиња со власт врз белци било незамисливо за тоа време) што цела една група на политичари, уметници, научници и писатели беа инспирирани од светот на Star Trek, кој всушност ја преставува Утопијата на More со некакви технолошки напредоци.
Иако разликата меѓу овие три идеи е повеќе векови, можеме да видиме дека луѓето дури и во времето на колонијализмот, исто како и во времето на глобализмот сакаат подобра иднина за своите деца. Иднина каде сите ќе живеат како луѓе, и каде секој ќе се цени по својот карактер, а не по тоа каква боја на кожа има или кој му е татко/мајка/роднина. За жал, тоа покажува (ако во предвид се земе Платон, кој живеел и работел пред повеќе од 2500 години, а имал сличен концепт за еднаквост и владеење на најспособните без никаков непотизам) дека човештвото постојано се врти во круг. Целиот технолошки напредок не ја променува свеста на самиот човек. Или, како што тоа прекрасно го срочи еден австриски писател, ако Диоген дојде денес во нашиот свет, единствената разлика ќе биде во тоа што тој ќе бара човек сред бел ден со електрична лампа наместо со лампа на масло.

четврток, април 03, 2008

LOTRO review

Бидејќи би било бесмислено да зборам за LOTRO а да не го спомнам WOW како најуспешен MMORPG во историјата, ќе одам токму со тоа - споредба меѓу нив двете.
Приказна - приказната во LOTRO е оригиналната приказна од која креаторите на WOW краделе како македонски политичари. Ќе се сретнете со Gandalf, Tom Bombadil, Aragorn, The Witch King of Angmar и многу други. Играта ја следи хронологијата на филмот и сега со најавувањето на експанзијата Рудниците на Морија, јасно е дека е стигната до некаде половината на првиот филм. Дотогаш, има updates на секои два месеци во форма на "books" (број 12 е последна) со кои се оди нанапред со приказната.
Gameplay - овде LOTRO украл се од WOW. Буквално. Ако сте играле WOW можете без никакви проблеми да почнете со оваа игра, нема да имате никаков проблем со нејаснотии. Би рекол дека е до толку слично што дури и магиите (повеќето од нив) се исти кaко во WOW. Се разбира дека од излегувањето има излезено многу patchови кои ја зголемиле разликата помеѓу WOW и LOTRO во gameplayот, но во самото јадро двете игри се исти.
Графика - Ова е една од болните и во исто време работите во кои LOTRO успева целосно да го победи WOW. Имаше доволно слики , ќе додадам дека играта има и Direct X 10.1 подршка. Лошата страна е во тоа што играта на моменти сецка, а во PVMP дури и лагира поради големината на текстурите.
PVP - Не постои класично PVP во LOTRO, туку има PVMP ( player versus monster player). Идејата е да една од end game мапите е огромно боиште на кое може да се влезе ако вашиот лик е 50 lvl (максималниот во играва), и се судирате и со NPCs и со други играчи кои играат како monsters (orcs, spiders, goblins). Прилично интересен концепт.
Број на играчи - Уште една голема (и најголема) маана на LOTRO. LOTRO неофицијално има некаде околу 300 илјади играчи, што е многу малку ако го споредиме со десетте милиони на WOW. Додатен проблем прави тоа што играта има повеќе сервери, па тие се додатно поделени на американски и европски... Едноставно има многу малку луѓе. Никогаш нема да се случи да бидете целосно сам на мапата, но во споредба со WOW играта е празна.
Звук - музиката и ефектите се на ниво, но играта има некаков чуден bug да од време на време звукот го снемува. На пример, седите пред река и слушате како тече водата... Одеднаш има тишина...Па повторно течење на вода. Навистина чудно.
Се на се - 9/10. Играва е навистина интересна. Освен тој bug со звукот и големата хардверска побарувачка, играта е навистина квалитетно направена. За жал, играта нема доволно голем број на играчи да биде игрива. Имаше инстанци за кои требаа 12 луѓе и не можевме да ги најдеме на целиот сервер во 6 часот попладне. Сега за сега,WOW останува на врвот. Тоа не значи дека LOTRO e лоша игра - напротив, играта од сите аспекти е навистина добра, но има премал број на играчи за квалитетно играње.

LOTRO 3 (и претпоследен) ден

Бидејќи trial-от трае само седум дена, од кои два дена чекав да ми го донесат dvd-то, а третиот се пафтав со огромен update (мислам некаде околу 2 GB), денес беше претпоследниот ден од дружбата со LOTRO. Играта ми остави навистина убав впечаток, но ги покажа и лошите страни, меѓу кои би издвоил три: мал број на играчи, голема побарувачка на хардверот (дури и со high end компјутер има сецкање во главните градови на расите) и некаков чуден bug со звукот. Но, повеќе за тоа во утрешниот пост кога ќе направам suma sumarum на целава авантура со LOTRO. Следуваaт слики од Bree Land.

среда, април 02, 2008

LOTRO 2 ден

Се повеќе и повеќе се воодушевувам од играва. Од времето кога ја играв бетата (тоа беше ако не се лажам минатиот февруари играва навистина напредувала, а богами и бројот на играчи не е мал. Втора тура слики од Shire и понекоја од Bree.

вторник, април 01, 2008

LOTRO

За gameplay,број на играчи и дали играта е добра или не у некој нареден пост. Сега, бидејќи сликата вреди илјада зборови следува Shire во Lord of the Rings Online.

понеделник, март 31, 2008

Кафе? Да благодарам

Како да имав доволно време па уште и ноќта од сабота накај недела ми украдоа еден час. Наместо 02:00 било 03:00. Работа,Факултет, Warhammer 40k, земав да листам Fables, гледам Wolf's Rain, ми седат трите дела од The Dark Tower у рафт веќе два месеца, а сложувалката од 2000 парчиња добива два- три часа редење секоја недела максимум. Каде се тука ноќните шетњи, гага кафето, да не ни почнувам со прекрасните досадни муабети каде по цели ноќи се збореше за тоа дали има или нема вонземјани. Ех, како ми недостига тоа време кога имаше време за се. Сега, останува само да се одзима од сонот за денот да стане подолг. Веќе ни сам не знам дали е тоа од несоница или од клукањето со кофеин за да можам да ги извршам сите мои обврски (да не отварам уста за тоа колку спијам кога имам колоквиуми и испити). Да биде уште поинтересно се пријавив за 7 дена free trial на LOTRO. Некако ме копкаше што направиле со светот на Толкин а и плус имав многу слободно време :).
п.с. Трети ден по Дајмонд, 27 ден без цигари. Сега за сега иде добро, со Господ напред се надевам ќе иде така уште долго време.

сабота, март 29, 2008

Mix it Up Samurai Style

Конечно го догледав Samurai Champloo и имам само пофални зборови за серијата. Квалитетот на цртање, гласовите, музиката, начинот на кој се измешани акцијата, благата еротика, насилството, комичните сцени... Се е совршено вклопено во ова забавно аниме.
Се разбира, целта на Champloo е забавата, токму поради тоа и не чудат смешните епизоди како епизодата кога Mugen учи да чита на пример, или анахронизмите од типот на епизодата кога играат бејзбол. Од време на време серијата добиваше на интензитет, посебно би ги издвоил трите последни епизоди кои беа некако... посериозни од остатокот на серијата. Единствени минуси би биле прелабавата приказна (девојка по име Fuu (типка која во секоја втора епизода ќе биде најмена/присилена да биде проститутка) го бара самурајот што мириса на сончоглед со помош на Mugen (болна будалетинка со црна дупка во стомакот) и Jin (типче кое изгледа на хомосексуалец но не е) и двајцата badass motherfuckerи со мечовите) и тоа што немаше англиска синхронизација туку морав да читам subtitles. Не знам, некако се навикнав да ја гледам акцијата на екранот, читањето некако ми одзема од концентранцијата. И, Mugen ми беше омилениот лик. Дефинитивно.
Конечна оценка за серијата - одлично предјадење за главниот оброк - Wolf's Rain.